Не знам.
Дали секој кој постои има цел?
Дали тој кој нема цел не постои?
И лебдам.
Над убавите загрижени луѓе кои се трудат да живеат,
Над прашливите улици на градот кој не сака да живее.
Се прашувам –
Колку време ќе помине пред да станам само облак?Колку време ќе е потребно за да се предвижам,И повторно да лебдам?
Над други убави загрижени глави,
Над други неволни големи градови
Има на небото – чад, мали птици, големи птици, болка и студ
Има на земјата – ѓубре, мали луѓе, големи луѓе, болка и студ.
А која е тогаш разликата?
Разликата е што таму ќе имам – нозе, уста, мали задоволства, срце
Овде имам – крила, срце и простор.
Цел – немам.
Дали постојам?
Ако да – зошто немам цел?
Ако не – зошто имам живот?Или бар тоа кое го нарекувам живот.
Се предвижувам...
Бавно...
Имам време да разгледам.
Тука се убавите високи дрва,
Слатките поточиња,
Големиот мртов елен.
Тука се и
Двајцата заљубени кои бараат тајно место
Будалиот кој бара злато,
Уште побудалиот кој бара правда.
Нема веќе ветер.
Застанав.
Гледам.
Мало село, мали куќи, голем страв.
Мали луѓе, мали желби, голема лага.
И гледам како го подигаат погледот
Ама ја спуштаат уште пониско главата
И гледам како ги згрчуваат немоќно рамењата
Како ги трпат ударите.
И пак ветер.
И пак тргнав.
Кон негде.
Со нови прашања.
Без нови одговори